hops

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје

Стратешка ориентација на организацијата

Една од главните стратешки цели на организацијата е подобрување на националната политика за дроги и креирање на една хумана и ефикасна политика за дроги. Во таа насока е и овој проект кој преку неколку активности ќе овозможи постигнување на оваа стратешка цел на организацијата.

Резиме на проектот

Националната политика за дроги на Република Северна Македонија се базира на еден документ- Националната стратегија за дроги. Актуелната стратегија за дроги е за периодот од 2021 до 2025 а Акцискиот план е за првите 3 години на стратегијата 2021 -2023 година. Согласно стратегијата и акцискиот план за 2023 година е предвидено да се направи надворешна евалуација на стратегијата и акцискиот план и изработка на нов акциски план за 2024-2025 година. Преку овој проект планираме да се спроведе независна евалуација на стратегијата и акцискиот план , како и да се изработи нов акциски план за периодот 2024-2025 година. На тој начин ќе овозможиме континуитет во спроведување на стратегијата како и подобрување на националната политика за дроги а воедно ќе обезбедиме и учество на граѓанскиот сектор во изработката на акцискиот план. Претставниците на граѓанските организации при изработка на акцискиот план ќе ги застапуваат потребите на лицата кои употребуваат дроги како едни од најмаргинализираните групи во РСМ и ќе се застапуваат за зголемување на финансиските средства наменети за граѓанските организацин кои работат во областа на зависностите.

Финалната верзија на Акцискиот план за дроги на РСМ 2024-2025 ќе биде промовирана на посебен настан на која ќе присуствуваат сите релевантни институции и граѓански организации а ќе биде одржана и конференција за медиумите.

Новиот акциски план ќе биде презентиран и на еднодневната Национална конференција за политики за дроги која планираме да ја организираме во рамките на овој проект. Ова ќе биде втора Национална конференција за политики за дроги. На ова Национална конференција ќе бидат опфатени темите дадени во Националната стратегија за дроги на РСМ 2021-2025 односно намалување на побарувачката на дроги како и намалување на понудата на дроги и ќе се разговара за добрите страни на националната политика како и за она што треба да се промени со цел да се креира една хумана и ефективна национална политика за дроги. На конференцијата ќе учествуваат околу 30 експерти, стручни лица, политичари, претставници на релевантни министерства и институции, професори и претставници на граѓанскиот сектор .  На конференцијата ќе бидат донесени и заклучоци кои потоа ќе бидат доставени до сите учесници како и до сите надлежни институции.

Преку овој проект ќе се воспостави  соработка со правосудниот сектор, односно судството и обвинителството и со полицијата кои се институции и органи задолжени за спроведување на двата клучни закони преку кои се спроведува националната политика за дроги: Законот за контрола на опојни дроги и Кривичниот законик. Нашите сознанија и анализи покажуваат дека честопати судската и полициската пракса е несоодветна во спроведувањето на законските одредби кои се однесуваат на дрогите и се изрекуваат казни кои се несоодветни за делото без оглед дали се работи за организиран криминал одноно организирана продажба на нелегални супстанции или пак за поседување на сусптанции за лична употреба. На седницата на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 13.02.2023 година е променет членот 215 од  од Кривичниот законик кој ја регулира недозволената продажба,  производство и поседување заради продажба на психоактивни конечно. Оваа новина во нашето законодавство ќе биде причината за да одржиме работни средби со со правосудниот и полицискиот сектор чија цел е да се воспостави соработка со овие институции за понатамошните чекори потребни  за соодветна имплементација на законите.

Трето  значајно прашање кое сакаме да го работиме преку овој проект е недостатокот на стручен кадар за работа со луѓето кои употребуваат дроги. Имено факултетите кои треба да подготвуваат стручен кадар за тоа, не го третираат прашањето на употребата на дроги структуирано и квалитетно. Во недостигот на катедра за адиктологија релевантните факултети кои создаваат кадар за работа во полето на употреба на дроги и криминалот поврзан со употреба на дроги: Медицински факултет, Факултетот за социјална работа и политика, Факултетот за психологија, Правен факултет, како и Факултетот за безбедност, оваа тематика ја третираат со мал број на предавања во текот на годината. Оваа состојба трае долго време и увидувајќи ја истата ХОПС започна со организирање на летна школа за зависности за млади кадри од овие факултети уште од 2011 година

Со овој проект сакаме да продолжиме со  школата за зависности која  е замислена да трае 7 дена и ќе биде наменета за 15 студенти од завршна година од горнаведените факултети, студенти на постдипломски студии, како и млади стручни кадри на возраст до 30 години. Предавачи на школата ќе бидат искусни практичари, експерти како и професори на факултети кои ќе се обидат да го надоместат знаењето  на студентите и младите кадри за работа во областа на дрогите во следниве области, превенција, лекување, намалување на штети, ресоцијализација како и безбедност. Ќе се овозможи и посета на програмата за ресоцијализација во Струмица, спроведувана од здружението на граѓани Избор а финансиски подржана од Министерство за труд и социјална политика

Цел/и на проектот:

Општа цел на проектот е подобрување на националната политика за дроги на Република Северна Македонија.

Специфични цели се:

  • Зголемено учество на граѓанскиот сектор во процесите на одлучување
  • Одржување на конструктивно партнерство со Министерството за здравство, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи и Владата на РСМ
  • Подобрување на знаењата и вештините на младиот стручен кадар за работа во областа на употребата на дроги и криминалот поврзан со дроги.

Корисници

Корист од овој проект ќе имаат повеќе целни групи :Луѓето кои употребуваат дроги и нивните семејства, студенти, постдипломци и млади професионалци кои работат или ќе работат во областа на употребата на дроги и криминалот поврзан со употреба на дроги,граѓанскиот сектор кој работи во областа на употребата на дроги и криминалот поврзан со употреба на дроги, Влада на РСМ, Министерство за здравство, Министерство за правда, Министерство за внатрешни работи, Министерство за образование и наука, Академијата за судии и јавни обвинители,  здружение на судии кривичари, здружение на јавни обвинители и Центар за обуки на МВР.  Сепак најголема корист треба да имаат луѓето кои употребуваат дроги и нивните семејства.  Сите активности во проектот имаат за цел да се подобри националниот одговор кон употребата на дроги и да се овозможи подобрување на националниот систем за решавање на оваа прашање. Луѓето кои употребуваат дроги се најзасегнатата страна бидејќи тие секојдневно се соочуваат со недостигот на соодветни решенија на ниво на политики кои директно влијаат на почитувањето на нивните права за лекување, ресоцијализација и реинтеграција во општеството. Со тоа што во изработката на новиот Акционен план за дроги 2024-2025 ќе учествуваат и претставници на луѓето кои употребуваат дроги ќе се овозможи во планот да бидат предложени активности кои се од најголем нивен интерес. Очекуваме тоа да ја подобри не само националната политика за дрогите туку и секојдневните проблеми на оваа заедница, што ќе доведе до подобрување на нивната здравствена, социјална и економска сотојба, а со тоа и намалување на криминалот поврзан со дрогите.

Главни активности од проектот

За постигнување на целите на проектот предвидени се повеќе  активности од кои најзначајни се :

  1. Евалуација на Aкцискиот план за дроги на РСМ 2021-2023 .
  2. Изработка на Акцискиот план за дроги на РСМ 2024-2025 година.
  3. Промоција на Акцискиот план за дроги на Република Северна Македонија 2024-2025 преку објавување на промотивно видео, одржување на промотивен настан и конференција за медиумите.
  4. Одржување на еднодневна Национална конференција за политики за дроги.
  5. Изработка на кратко видео од Националната конференција за политики за дроги
  6. Одржување на состаноци со Владата на РСМ, Министерството за здравство, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи , Академијата за судии и јавни обвинители, со Здружение на судии кривичари, со Здружение на јавни обвинители и Центар за обуки на МВР.
  7. Одржување на седумдневна летна школа за зависности.