FB

Изгласани промени во законот за здруженија и фондации

На 02.11.2022, пратениците во Собранието ги изгласаа измените на законите за здруженија и за политички партии со кои се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх итн.

Овие измени беа иницирани откако на 07.10.2022 година во Охрид, С. Македонија од страна на поголема група на граѓани се одржа протест против најавеното отворање на бугарскиот клуб „Борис III”.  Протестот на граѓаните, според организаторите и граѓаните, беше насочен против здружение кое носи име на „познат фашистички државник од периодот на втората светска војна (Цар Борис III),  кој бил во блиски релации со Хитлер“[1]. Така, се отвори расправа во јавноста за потребата законски да се регулира употребата на имиња, прекари, псевдоними кои што би предизвикале негативни чуства кај одредена етничка заедница или пак доколку целите биле во насока на менување на уставниот поредок на државата.

Набргу потоа, на 17.10.2022 по иницијатива на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пратениците во Собранието на РСМ дадоа поддршка за донесување на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации[2]. Како што беше образложено од страна на еден од подносителите на иницијативата, овие законски измени имаат за цел да се стави крај на отворање здруженија и фондации чии програми, цели, дејности и дејствувања се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјава, кон поттикнување и повикување на воена агресија, како и кон разгорување национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, како и преземање активности поврзани со тероризам или  активности спротивни на Уставот[3].

Имајќи предвид дека со новото законско решение се дополнително уредуваат одредбите кои се однесуваат на  регистрација на граѓански организации, дефинирање на статус на непрофитни организации како и начинот на нивно финансирање, во овој блог се изнесени измени на законот, за да се согледа влијанието на законските измени врз овозможувачката средина за граѓанските организации.

Во членот 8 став 3 од Законот за здруженија и фондации се додава алинеја 4 и 5, кои гласат:

„Како име или назив на здружение не можат да бидат употребени имиња што по која било основа во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстремизам, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх. Ако во името на здружението е содржано такво име, одобрение дава министерот за правда, по препорака на  Комисија која ќе биде формирана од министерот за правда со претставници на Министерството за култура, Институтот за национална историја, МАНУ и Министерството за правда“.

Понатаму, промени се предвидени и во членот 18 став 2 алинеја 2 и 3 каде се предлага следниот текст:

„Целите на здружението што не смеат да предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх.“

„Дејностите со кои се остваруваат целите не смеат да ги предизвикуваат горенаведените нетрпеливости“

Во членот 31, став 2, алинеја 2 и 3, од се предвидува целите на здружението или фондацијата да не предизвикуваат каква било нетрпеливост, нетолеранција, омраза, како и ширење фашизам.

Законот има и ретроактивно дејство и се однесува и на веќе регистрираните здруженија и фонации. Имено, во завршните одредби се предлага здруженијата и фондациите што нема да постапат според наведените измени, да престануваат да важат по сила на закон и се бришат од регистарот откако ќе донесе одлука министерот за правда.

 

Случајот „РАДКО“

 

Отворањето и регистрирањето на здружението „Цар Борис Трети“ има доста сличности со т.н. случај „РАДКО“, кога во јавнос практично и се отвори дебата за користењето на спорни (контроверзни) имиња и прекари. Имено, „Радко“ е псевдонимот кој што бил користен од страна на контроверзна личност за македонската историја – Иван (Ванчо) Михајлов, а беше ставен како име на здружение на граѓани регистрирано во Република Македонија.

Во 2001 година, со одлука на Уставниот суд на Република Македонија беше укинато здружението „Радко“, кое што беше регистрирано во 2000 година. Здружението пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја оспори одлуката на Уставниот суд на РМ, кој што донесе одлука[4] во полза на здружението наведувајќи дека е прекршено правото на слободно здружување. Понатаму, во одлука се наведува дека ваквите тензии можат да настанот, но дека истите се производ на плурализмот, а државата е должна да осигура толеранција помеѓу различните општествени групи.

 

[1] https://www.dw.com/mk/klubot-car-boris-treti-vnese-nemir-vo-ohrid-obvinuvana-za-predavstvo-i-provokacii/a-63371327

[2] Службен весник на РМ бр. 52/16.04.2022 достапен на:  https://www.slvesnik.com.mk/Issues/623772ADC92FEE42A1DB496E1E190648.pdf

[3] https://novamakedonija.com.mk/makedonija/pratenicite-od-vlasta-i-opozicijata-ednoglasni-za-izmenuvanje-na-zakonot-za-zdruzhenija-i-fondacii/

[4] https://hudoc.echr.coe.int/app/conversion/pdf/?library=ECHR&id=003-2612931-2834655&filename=003-2612931-2834655.pdf

Tags: No tags